Минатогодишниот прволигаш, Беневенто, во петтото коло од италијанската Серија Б го порази финалистот на плејофот од минатата сезона, Читадела, со резултат од 4-1.
Мечот започна фуриозно и на двете страни со тоа што Џенаро Акампора (5′), со дебитантскиот гол, му донесе предност на Беневенто, а Нигериецот Орџи Оквонкво (13′) израмни на 1-1.
Во второто полувреме имаше динамична игра, која во потполност беше решена од Џанлука Лападула.
Италијанецот влезе во игра од клупата на стартот на вториот дел, а со брз хет-трик за седумнаесет минути (69′, 84′, 86′) успеа да ги остави трите поени на стадионот ,,Чиро Вигорито”.
Непосредно по дуелот, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Беневенто го држи четвртото, а Читадела – седмото место.