
Иако сите очи се вперени кон Светското првенство во алпско скијање, машкиот дел од караванот на Светскиот куп мораше да учествува на слаломот во Шамони (Франција).
Оваа трка понуди неверојатни сцени, каде што, најсреќен беше Рамон Ценхојзерн (1:42,94), кој триумфираше по петти пат во кариерата, односно првпат по речиси две и пол години.
Сепак, најголемата сензација ја приреди Еј Џеј Гинис (+1,02), кој и’ го донесе на Грција првиот историски подиум во овој спорт.
Гркот имаше неверојатна втора серија со која напредна дури дваесет и едно место.
Третата позиција му припадна на Даниел Јул (+1,04), а под една и пол секунда доцнеа уште: Атле Ли МекГрат (+1,38), Себастијан Фос-Солевааг (+1,40) и Линус Штрасер (+1,47).
Најголемиот трагичар беше домашниот претставник, Клеман Ноел, кој беше првопласиран после првиот дел, но поради грешка во второто скијање остана без бодови.