
На денешен ден, 14 септември, во 1955 година, шкотскиот Хиберниан стана првиот клуб од Велика Британија, кој заиграл на едно европско натпреварување.
Имено, ,,Зелените” од Единбург гостуваа во Германија, во рамките на првата фаза од првата сезона на Европскиот куп (сегашна Лига на шампиони), каде што славеа со 0-4 над Рот-Вајс Есен.
Двоен голгетер за шкотскиот состав на овој меч беше Еди Тарнбул (35′, 53′), а по еднаш во листата на стрелците се запишаа Лори Рајли (44′) и Вили Ормонд (81′).
Во реваншот, одигран на ,,Истер Роуд” после еден месец, резултатот гласеше 1-1 што му овозможи пласман на Хиберниан во втората рунда, односно во четврт-финалето.
Популарните Хибс ја поминаа и наредната препрека, Џургорден, со вкупни 4-1, но во полуфиналето загубија од Ремс со 3-0 после две пресметки.