Денешната трка во МотоГП се возеше на истата патека како минатиот викенд – „Сиркуито де Херез – Анхел Нието“ во Шпанија. Овој пат, трката беше именувана како трка за големата награда на Андалузија.
До својата втора победа во кариерата, а воедно и втора победа во низа, стигна Фабио Квартараро, кој стартуваше од пол-позицијата и извоза перфектна соло-трка.
Валентино Роси заврши на третото место, откако во претпоследниот круг беше претекнат од клупскиот колега, Маверик Вињалес, кој две недели по ред ја зазема втората позиција. За Роси, ова е прв подиум после трката во Остин одржана на 14 април 2019 кога го освои второто место.
До најдобриот пласман во МотоГП кариерата стигна Јапонецот Такааки Накагами со освоеното четврто место, а исто така, Жоан Мир го израмни својот најдобар пласман во кралската класа со денешната петта позиција. Трката ја завршија вкупно тринаесет возачи што значи дека сите од нив освоија поени. Со поени од втората трка во Херез заминаа и: Андреа Довициозо, Пол Еспаргаро, Алекс Маркез, Жоан Зарко, Алекс Ринс, Тито Рабат, Бредли Смит и Кал Крачлоу.
Марк Маркез не стартуваше на оваа трка поради повредата претрпена претходниот викенд.
Ситуацијата ќе беше далеку поинтересна доколку во последните кругови, поради технички проблеми, не се откажаа Франческо Бањаја и Франко Морбидели, кои во тие моменти беа на втората односно на петтата позиција.