Денешната трка во Мото 3 се возеше на истата патека како минатиот викенд – „Сиркуито де Херез – Анхел Нието“ во Шпанија. Овој пат, трката беше именувана како трка за големата награда на Андалузија.
Во категоријата Мото 3, до втората победа во кариерата дојде Јапонецот Татсуки Сузуки, кој стартуваше од пол-позицијата. Возачот на „Сик58“, ја оствари својата прва победа на 15 септември минатата година во Мизано. Исто како и тогаш, на втората позиција се најде Шкотланѓанецот Џон МекФи, додека, денес, како третопласиран заврши Челестино Виети.
На четвртото место се пласира Џереми Алкоба, што воедно ќе беше негов најдобар пласман во кариерата, но поради трите секунди казна за напуштање на патеката во еден свијок, заврши на седмото место.
Дерин Биндер, кој стартуваше од 27. позиција, на крајот ја зазема четвртата позиција, а до петтото место стигна Аргентинецот Габриел Родриго.