Веќе втор викенд по ред, возачите од МотоГП категоријата се тркаа на патеката ,,Рикардо Тормо”, но наместо за големата награда на Теруел, се бореа за големата награда на Валенсија.
Првите десетина кругови, исто како и во минорните категории, започнаа на мирен начин. Единствено важно случување беше излетувањето на Фабио Квартараро, кој сам се отстрани од битката за титулата.
Во дваесеттиот круг и битката за подиум го изгуби својот сјај бидејќи Такаки Накагами погреши и ја напушти патеката, оставајќи го Пол Еспаргаро на третото место.
Иако целата трка беше релативно ,,мирна”, кулминацијата стигна во последниот круг, кога Франко Морбидели и Џек Милер водеа битка за победата.
Накрај, Морбидели беше побрз за само 93 илјадинки, спречувајќи го Милер да ја оствари својата прва победа во кариерата и прва во историјата за ,,Прамак Дукати”, а со тоа да стане и десетти различен победник сезонава.
Подиумот го комплетираше Пол Еспаргаро, а поени освоија уште: Ринс, Биндер, Оливеира, Мир, Довициозо, Алеиш Еспаргаро, Вињалес, Бањаја, Роси, Крачлоу, Брадл и Петручи.
Иако битката за титулата во Мото 2 и во Мпто 3 вклучува од три до четири возачи, во МотоГП денес беше решено сè.
После дваесет години, ,,Сузуки” ја освои титулата и тоа благодарение на Жоан Мир, кој стана шестиот шампион од јапонскиот тим.
Во пресрет на последната трка, Мир има недостижни дваесет и шест поени предност во однос на денешниот победник – Морбидели.



