
Екипата на Мејо го освои Ники Рекард Куп, четвртата дивизија на Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип, откако во финалето славеше над Тироун со (2-27) 33-17 (1-14).
,,Зелените” дојдоа до втората титула во ова натпреварување, односно прва после 2016, со одличната игра уште на самиот старт.
Веќе после дваесет минути игра, номиналните домаќини водеа со 10-4, а предноста продолжи да се таложи и во понатамошниот тек на мечот.
На полувремето, победниците водеа со 18-5, пред сè поради серијата од 11-0 помеѓу 13. и 37. минута.
Од вкупните единаесет поентери за Мејо, најефикасни беа Кетал Фримен (1-4), Кит Хигинс (0-7) и Шон Реган (1-3).
Од редовите на Тироун, поентерски најрасположен беше Дамиен Кејси (0-9), а како единствен голгетер се покажа Конор Гроган (1-0).