Јубилејната десетта овосезонска трка во МотоГП беше одржана денес на патеката „Сиудад дел Мотор де Арагон“ во областа Арагон во источниот дел на Шпанија.
Од пол-позицијата стратуваше Фабио Квартараро, кој имаше очигледни проблеми во текот на трката, па накрај заврши на 18. позиција и го загуби првото место во генералниот поредок.
Имено, оваа патека доби нов победник после три години, откако Марк Маркез славеше во 2017, во 2018 и во 2019. Станува збор за одличниот Алекс Ринс, кој славеше по третпат во својата кариера и стана осмиот различен победник во тековната сезона.
Освен Шпанецот, одличен ден имаа и Алекс Маркез, кој две трки по ред ги заврши на второто место и Жоан Мир, кој со ова трето место го презеде водството во вкупниот поредок. Исто така, Мир стана првиот возач на „Сузуки“ што води во генералниот пласман, после Кени Робертс во 2000 година.
Доминацијата на Шпанците на шпанската територија ја заокружи четвртопласираниот Маверик Вињалес, а поени освоија уште: Накагами, Морбидели, Довициозо, Крачлоу, Милер, Зарко, Биндер, Пол Еспаргаро, Алеиш Еспаргаро, Лекуона и Петручи.
Оваа трка беше прва после 1999 година во којашто не учествувал светски шампион. Ова се должи на фактот дека Марк Маркез е во аут поради повреда, а Валентино Роси не настапуваше поради позитивен тест на КОВИД-19.