Белоруската Вишаја Лига беше една од ретките во светот што не претрпи никакво влијание од настанатата пандемија.
Во неа се натпреваруваат шеснаесет екипи во класичниот систем со еден домашен и со еден гостински натпревар.
Битката за опстанок беше решена уште пред неколку кола. Имено, во втората лига отпаднаа Белшина и Смолевичи, а плејаут ќе игра екипата на Слуцк.
Што се однесува до шампионската борба, на две кола пред крајот, во игра беа три екипи – Неман Гродно, БАТЕ Борисов и Шахтјор Солигорск.
Сепак, Неман излезе од истата поради победите на двата останати конкуренти.
Во последното коло, БАТЕ се соочи со Динамо Минск, додека Солигорск го пречека ФК Минск. На тимот од Борисов му требаше победа за со сигурност да ја обезбеди титулата без разлика што ќе направи Солигорск.
Сепак, БАТЕ ремизира 0-0 со Динамо, а Солигорск, со пресврт и со два гола во продолжението, го порази ФК Минск со 4-2. На тој начин, Шахтјор ја освои својата втора титула во историјата, односно прва после 2005 година. За крај на сезоната, БАТЕ ќе мора да се задоволи ,,само” со освоениот овогодишен куп.
Во битката за трето место, во директен дуел и покрај почетното водство, Неман Гродно загуби од Динамо Брест со 3-1. На овој начин, домашниот состав ,,скокна” на четвртото место, оставајќи ги претставниците на Гродно на петтата позиција. Накрај, од позадина, европско лето со освоената трета позиција избори Торпедо Жодино, кој денес беше подобар од Витебск со 2-3.