По вчерашните спринтови во Рука, Финска, што ја отворија новата сезона од Светскиот куп во крос-кантри, на денешната програма беа должинските трки.
Кај дамите, истата беше одржана на десет километри. Накрај, како најбрза се покажа актуелната шампионка, Терезе Јохауг, иако имаше минимален заостаток после првата делница.
Зад неа, на подиумот се пласираа две шведски скијачки, односно Фрида Карлсон (+21,8) и Еба Андерсон (+26,0). На Русинката Татјана Сорина, подиумот и’ побегна за само една десетинка, а пласман во првите десет изборија: Наталија Непрјаева (+30,3), Керту Нисканен (+44,9), Тирил Уднес Венг (+45,5), Роузи Бренан (+46,6), Марие Хелене Фосесхолм (+50,2) и Маја Далквист (+52,5). Вчерашната победничка, Лин Сван, заврши како единаесетта (+58,5), заокружувајќи ја групата со заостаток под една минута.
Во машка конкуренција, трката се одржа на петнаесет километри, а на неа славеше Јоханес Клебо.
Норвежанецот беше за нијанса помалку доминантен од неговата сонародничка Јохауг, оставајќи ги зад себе двајцата Руси Алексеј Червоткин (+15,2) и Александер Болшунов (+18,0).
На неполни четири секунди од подиумот се наоѓаа Емил Иверсен (+19,8) и Ииво Нисканен (+21,7), а пласманот до десеттото место го заокружија Ендру Масгрејв (+32,8), Илија Семиков (+33,2), Евгениј Белов (+37,7), Илија Порошкин (+42,3) и Ханс Кристер Холунд (+47,2).