Трката за големата награда на Штаерска, возена на истата патека како и минатиот викенд, повторно донесе возбудувања.
Пол Еспаргаро имаше пол-опозиција, прва во неговата кариера, а воедно и прва за ,,КТМ”.
Кон средината на трката, Жоан Мир имаше угодна предност и целеше кон првата победа во кариерата во МотоГП. Неговите походи беа прекинати од црвеното знаме, односно од Маверик Вињалес, кој практично ,,скокна” од својот мотор, откако сфати дека не работат сопирачките. Моторот целосно се распарчи и почна да гори, претходно разбивајќи ја заштитната ограда.
За среќа, Вињалес помина без никакви повреди, а трката набргу беше рестартирана.
Од рестартот профитираа повеќе возачи. На влезот во последниот круг, водечки беше Пол Еспаргаро. На половина круг до крајот, Милер го претекна Шпанецот и го презеде водството. Двајцата возачи се бореа за првата позиција до самиот крај, а нивната борба најдобро ја искористи Мигел Оливеира, кој во последната кривина успеа, од третата, да дојде до првата позиција. За Оливеира, а и за ,,Тек 3″, ова беше прва ,,кралска” победа, а воедно и прв триумф во МотоГП за еден Португалец.
Милер и Пол Еспаргаро го комплетираа подиумот, а Жоан Мир заврши како четврти, откако во последниот круг го претекна Андреа Довициозо.
Поени на оваа трка освоија уште: Ринс, Накагами, Биндер, Роси, Лекуона, Петручи, Алеиш Еспаргаро, Квартараро, Зарко и Морбидели.



