Неколку рокади се случија во НХЛ во изминатите неколку денови, од кои, најмногу се истакнуваат оние помеѓу дефанзивците на три екипи.
Имено, најпрво Ванкувер Кенакс не успеаја да го задржат Трој Стечер во своите редови, така што Канаѓанецот, после четири години во Британска Колумбија, потпиша нов двегодишен договор со плата од 3,4 милиони долари со Детроит Ред Вингс како слободен играч.
На негово место, Кенакс го доведоа еден од најдобрите дефанзивци во лигата, Нејт Шмидт, кој дојде од редовите на Вегас Голден Најтс за пик од третата рунда на драфтот во 2022.
Клубот од Невада брзо најде замена за Шмидт. Станува збор за долгогодишниот капитен на Ст. Луис Блус и четвртиот пик на драфтот во 2008 – Алекс Пиетранџело.
Пиетранџело е првиот играч во историјата на Ст. Луис што го подигнал трофејот во т.н. Стенли Куп, откако ја предводеше својата екипа до првата клупска титула во НХЛ во сезоната 2018/19. Канаѓанецот беше слободен играч за првпат во својата кариера и истата ситуација ја искористи за промена на играчката средина и потпишување на нов седумгодишен договор со Вегас Голден Најтс, со плата од 61,6 милиони долари.