Четвртиот спуст од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција, одржан во Цаухензее, Австрија, заврши во рацете на Лара Гут-Бехрами (1:45,78).
Швајцарката триумфираше по вторпат во сезоната, а воедно ја запиша првата победа во најбрзата дисциплина после 27 февруари 2021 во Вал ди Фаса.
Второто место, а воедно и најдобриот пласман во Светскиот куп во својата кариера, го освои Германката Кира Вајдле (+0,10), а третата позиција ја зазеде домашната скијачка – Рамона Зибенхофер (+0,44).
Само осум стотинки зад Зибенхофер заврши Никол Делаго (+0,52), а под една секунда доцнеа уште: Мари-Мишел Гањон (+0,68), Федерика Брињоне (+0,87) и Корин Сутер (+0,89).
Победничката на првите три спустови од сезоната, Софија Гоџа, доживеа пад, при кој помина без повреди и не освои поени на денешната трка.