На стадионот ,,Велодром” во Марсеј, пред 59 682 гледачи, екипата на Ла Рошел го освои својот прв наслов во најелитното европско рагби натпреварување.
Имено, француските претставници, во големото финале на Купот на шампионите, го поразија ирскиот Леинстер со 21-24 во самиот финиш.
Во текот на мечот, екипата од Ирска имаше контрола на резултатот и целеше кон петтата интернационална круна, но попушти во завршницата, кога Французите направија серија од 14-3.
Осумнаесет поени за поразениот состав постигна најдобриот поентер во Купот, Џони Секстон, а еден пенал погоди и Рос Бирн.
На спротивната страна, задолжен за шутевите беше Иаја Вест, а по еден есеј забележаа Рејмонд Рул (11′), Пјер Буржери (61′) и Артур Ретиер (78′).
На патот до финалето, во плејофот, Леинстер беше подобар од Конахт, од Лестер Тигерс и од Стад Тулузиен, а Ла Рошел ги елиминира Бордо Бегл, Монпелје и Расинг 92.