
Фабио Квартараро стана првиот француски шампион во МотоГП, откако заврши на четвртото место на трката за големата награда на Емилија Ромања.
Неговиот единствен конкурент во борбата за врвот, Франческо Бањаја, водеше сè до четири кругови пред крајот, кога загуби контрола и излета од патеката.
Неговото паѓање значеше и губење на сите надежи за титула со оглед дека има само уште две трки до крајот на сезоната, а предноста на Квартараро беше цели 52 поени.
До победа во Мизано стигна Марк Маркез, а 1-2 триумфот за ,,Хонда” го комплетираше Пол Еспаргаро со својот прв пласман на второто место во ,,кралската” класа.
Најниското место на пиедесталот му припадна на Енеа Бастијанини, по вторпат во кариерата, кој во завршниот свијок го претекна новиот шампион – Квартараро.
Пласманот во топ 10 го надополнија уште: Жоан Зарко, Алекс Ринс, Алеиш Еспаргаро, Маверик Вињалес, Лука Марини и Валентино Роси.
Токму Роси беше емоционално пропратен од италијанската публика со оглед на фактот дека за него ова беше последна трка на домашно тло.