
На второто натпреварување во Сапоро (Јапонија) од Светскиот куп во ски скокови, до победата дојде Штефан Крафт.
Австриецот славеше со скоковите од 139 и од 135,5 метри, одбранувајќи го првото место од првата серија.
Второпласиран и после двете серии беше Халвор Егнер Гранеруд, додека третата позиција, со напредок од дури осум места во однос на првиот скок, му припадна на вчерашниот победник – Рјоју Кобајаши.
Лидерот во генералниот поредок, Давид Кубацки, беше четврт, а пласманот во првите петмина го пополни Даниел Чофених.
Прогрес од неверојатни дванаесет позиции имаше Словенецот Жак Могел, кој заврши како десетти и го оствари најдобриот резултат во кариерата.
Пред него, завршија уште Мануел Фетнер, Андреас Велингер, Камил Штох и Пјотр Жила.
Во првиот дел, третото место го делеа Петер Превц и Александер Знишчол, но и двајцата потфрлија со второто издание и се најдоа на тринаесеттата, односно на дваесет и петтата позиција.