Во првиот домашен лигашки натпревар во 2022 од ВМФЛ Исток, Кожуф ремизираше со 1-1 против Слога Виница.
Гостите од источна Македонија останаа со играч помалку во 45. минута, кога втор жолт картон доби Кристијан Јордановски.
Сепак и покрај играчкиот дефицит, фаворитот поведе после десет минути игра во второто полувреме преку Андреј Симевски (55′), чијшто шут од слободен удар беше изместен од живиот ѕид.
Кожуф до крајот ја презеде иницијативата, израмни на 1-1 преку резервистот Христијан Бејков (80′), а притоа имаше и две ситуации, кога беше погоден дирекот од голот на Слога.
Сепак, ниту тимот од Гевгелија не го заврши мечот со полн состав бидејќи, поради приговор, втор жолт картон доби Андреј Јаневски (89′), а кај гостите, во истата минута, на туширање замина и Александар Трајчевски.
На табелата, Кожуф го зазема шестото место, додека Слога е втора и има ист број на бодови како лидерот Победа Прилеп.