Поранешниот шкотски фудбалски репрезентативец, Греам Александер, повеќе не е тренер на англискиот четвртолигаш Салфорд Сити, откако денес доби отказ.
Салфорд е клуб во сопственост на неколку поранешни ѕвезди на Манчестер Јунајтед (Ники Бат, Рајан Гигс, Гери и Фил Невил, Пол Сколс и Дејвид Бекам), кои го ангажираа Александер на 14 мај 2018, односно неколку месеци пред дебито на Салфорд во петтата лига, со нов четиригодишен договор.
Шкотланѓанецот успеа, уште во првата сезона, да ги донесе ,,Емис” до плејофот на петтата лига. Во доигрувањето, Салфорд беше поуспешен од Истли и од Фајлд и се пласира во англискиот професионален фудбал за првпат во историјата.
Првата сезона во Лиг 2 им донесе на навивачите многу радосни моменти, имајќи во предвид дека Александер го предводеше својот тим до финалето на ЕФЛ Трофи и до солидното единаесетто место на табелата.
Салфорд ја започна новата сезона со девет поени во воведните пет кола и воедно, сè уште е без пораз што дополнително ја прави поизненадувачка одлуката на челниците за врачување отказ на веќе поранешниот тренер.
На местото на Александер, привремено ќе застане токму Пол Сколс, кој веќе имаше краткотрајна тренерска авантура во Олдам Атлетик.



