
На вториот спуст на легендарната патека ,,Штрајф” во Кицбил (Австрија), Александер Омодт Килде (1:56,90) го запиша седмиот триумф во сезоната.
Позади него, на второто место, заврши Французинот Жоан Клери (+0,67), кој испиша нова историја.
Имено, Клери се искачи на пиедесталот по единаесетти пат во кариерата и стана најстар освојувач на подиум во Светскиот куп со 42 години и 14 дена.
Третото место му припадна на Американецот Тревис Генонг (+0,95), кој дојде до својот шести подиум и прв во спуст после шест години.
Само четири стотинки зад него доцнеше Матија Касе (+0,99), а вчерашниот победник, Винсент Крихмајер (+1,30), го комплетираше пласманот во топ 5.
Воедно, оваа трка беше последна во кариерата за Беат Фојц (+2,01), кој на својот последен настап се пласираше на шеснаесеттото место.
Фојц, во својата кариера, четири пати го освои малиот кристален глобус во спуст, а исто така, запиша шеснаесет победи, педесет и девет подиуми во Светскиот куп и зеде по три медали од Светските првенства и од Олимписките игри.
https://twitter.com/eWilmedia/status/1616753375952965632?t=fgHNwKdeLpISBMO50e8khw&s=19