
Третите спринтови од новата сезона на Светскиот куп во крос-кантри се одржаа денес во Давос, Швајцарија.
Кај дамите, по третпат во низа во најбрзата дисциплина, славеше Швеѓанката Маја Далквист (2:43,89), која во фотофиниш ги порази Надин Фендрих (+0,34) и Анамарија Лампич (+0,74).
Во големото финале се пласираа уште Роузи Бренан (+2,81), Тирил Уднес Венг (+3,43) и Ема Рибом (+6,10).
Непријатно изненадија неколку скијачки, односно Џеси Дигинс, Лота Уднес Венг, Јохана Хегстром и Криста Пармакоски, кои отпаднаа во четвртфиналето.
Во квалификациите учествуваше и македонската натпреварувачка, Ана Цветановска, која го освои последното 84. место.
Во машка конкуренција славеше победникот на квалификациите, Јоханес Клебо (2:22,8), кој зад себе на подиумот ги остави Сергеј Устиугов (+0,9) и Ришар Жув (+1,2).
Освен нив, во големото финале се пласираа уште Ерик Валнес (+1,3), Евен Нортуг (+3,7) и Лукас Шанава (+7,9).
Актуелниот шампион, Александер Болшунов не стартуваше поради настинка, а во четвртфиналето, од фаворитите отпаднаа Федерико Пелегрино, Паал Голберг, Рено Же, Михал Новак и Глеб Ретивих.



