
На 9 јануари, на слаломот во Аделбоден, Јоханес Штролц ја запиша првата победа во кариерата, откако претходно беше исклучен од австриската репрезентација.
Овој изненадувачки триумф му донесе настап на ЗОИ 2022 во Пекинг, каде што денес сензационално стана олимписки првак во алпска комбинација.
Австриецот (2:31,43) беше четврт после првата серија, но со најдоброто второ скијање успеа да дојде до првиот олимписки медал во кариерата.
Исто така, Јоханес го повтори успехот на својот татко, Хуберт Штролц, кој беше олимписки првак во истата дисциплина на ЗОИ 1988 во Калгари.
Пред само два дена, Александер Омодт Килде (+0,59) освои бронза во супервелеслалом, а денес дојде до сребреното одличје – вкупно второ на ЗОИ.
Канаѓанецот Џејмс Крофорд (+0,68) се закити со олимписка бронза за првпат во својот живот, откако покажа конзистентно скијање со освоеното четврто и шесто место во брзинските дисциплини.
Швајцарецот Жистин Муризие (+0,86) беше четврт, а на петтата позиција заврши Марко Шварц (+1,28).
Сепак, најпријатното изненадување го направи Израелецот Барнабас Солош (+1,75), пласирајќи се на шестото место.




