Доркинг Вондерерс е фудбалски клуб од гратчето Доркинг во Англија основан во 1999 година од страна на неколку луѓе. Еден од нив е Марк Вајт – сè уште актуелен тренер и директор на клубот, кој во досегашните дваесет години постоење избори вкупно десет промоции.
Моментално, Доркинг Вондерерс се натпреваруваат во шестата лига односно во плејофот кој го одлучува патникот во петтата лига за наредната сезона.
Повеќе за историјата на овој клуб прочитајте на следниот линк: https://javisejuzna.mk/deset-promocii-za-dvaeset-godini-dorking-vonderers-fk/
Овој клуб е во одлични односи со неколку балкански клубови како Вождовац, Вардар и Осогово. Заедно со Вождовац собираат пари за хуманитарната организација „Заједно за живот“ која се залага за лекување на болните деца низ Србија.
Љубовта кон Вардар ја манифестираат со неодамнешен фан клуб основан во Доркинг.
За дополнителни информации во врска со пријателството на Вондерерс и македонските екипи, решивме директно да интервјуираме еден претставник на клубот – Алфи Гејтс – уредникот на профилите на друштвените мрежи на Доркинг.
1. Најпрво, што би кажале за македонскиот фудбал и што е тоа што ве привлече да креирате пријателски односи со Вардар и Осогово? Дали ги знаевте клубовите од претходно или ги видовте благодарение на нивните активности на друштвените мрежи?
– Сè започна на друштвените мрежи. Го заследивме Вардар на Твитер и Инстаграм и после неколку пораки се запознавме, а неколку недели подоцна почнавме да организираме и редовни средби на „Зум“. Што се однесува до Осогово, тие лајкнаа неколку од нашите твитови. Кирил Кироски (од ФК Вардар) ни спомна дека и Осогово е одличен клуб, па како и претходно, разменивме неколку пораки и утврдивме дека и тие се навистина љубезни луѓе. Досега сме многу задоволни од поддршката што ја добиваме од Македонците. Одлични се!
2. Како влеговте во пријателски односи? Кој го направи првиот чекор?
– Би кажал дека Доркинг Вондерерс го направија првиот чекор, но тоа не е ништо поразлично од она што го направија Вардар и Осогово. Нивните претставници можеа едноставно да нè игнорираат и да заврши целата конверзација. Сепак, тие не го направија тоа, продолжија да комуницираат со нас, беа желни, љубезни, пријателски расположени и според мене тоа е одличен пример за како би требало да изгледа уредник на друштвените мрежи на еден клуб. Исто така и нивните објави се супер!
Пријателството порасна доста брзо и моментално имаме доста навивачи на Вардар што го следат нашиот клуб, што ги лајкнуваат нашите објави. Тоа е точно она што го сакаме и не можеме да ја искажеме нашата благодарност!
3. Кој е основач на фан клубот на Вардар во Доркинг? Дали и вие сте поврзани со тоа?
– Одговорен е еден од нашите фанови по име Деклан. Тој е одличен дечко којшто го следи клубот веќе неколку години и е многу страствен и желен! Тој направи одлична работа, се помачи да набави знаме, зборуваше со претставниците и навивачите на Вардар онлајн. Одличен е!
Знам дека планира да допатува до Македонија наредната сезона за да гледа натпревар на Вардар, па сигурни сме дека Вардар и Комити ќе го пречекаат одлично!
4. Доркинг игра доста добро изборувајќи неколку последователни промоции и, се надеваме, нова промоција после овосезонскиот плејоф. Но, дали некогаш сте планирале да организирате балканска турнеја и да одиграте пријателски натпревари со Вардар, Осогово и Вождовац?
– Хаха па… Тоа е добро прашање и најверојатно за тоа ќе треба да го прашате Марк Вајт (директорот и тренерот на клубот) бидејќи тој ги носи тие одлуки, но јас не би ја исклучил таа можност. Нашето пријателство навистина почнува да расте и да привлекува многу луѓе, па би сакале да направиме и мала документарен филм. Би сакале да дојдеме до Србија и Македонија кога тоа ќе биде возможно, па доколку имате некој предлог за што да прикажеме или што да посетиме, слободно пишете ми на Твитер (@alfiegates_).
Целта на документарниот филм е да им ги покажеме на Англичаните Македонија и Србија и нашите пријателства со клубовите.
Нашата цел на подолги дистанци е да ги популаризираме Доркинг Вондерерс, Вардар, Вождовац и нашето меѓусебно пријателство низ цел свет,
5. Освен со Вардар, со Осогово и со Вождовац, со кои други екипи имате пријателски односи (од другите држави)?
– Хаха, имаме група наречена „7“ и во неа членуваат: Доркинг Вондерерс (Англија), Вардар (Македонија), Осогово (Македонија), Вождовац (Србија), Спортива Тре Пене (Сан Марино), Унио Еспортива Енгордани (Андора) и К. Лира Лиерс (Белгија).
Често комуницираме и со други клубови како Блау-Вајс Линц од Австрија, Пенафиел од Португалија, Монтедио Јамагата од Јапонија, Халифакс Вондерерс од Канада, Сантијаго Вондерерс од Чиле и други. Како што тераме, ќе имаме пријателски клуб во секоја држава во светот хаха!
6. За крај, што би им порачале на македонските читатели?
– На неверојатните луѓе од Македонија, на Вардар и на Осогово, сите од Доркинг Вондерерс им посакуваат сè најдобро и да се чуваат! Со моќта на друштвените мрежи и на фудбалот, се надеваме дека не само што ќе ги зближиме овие клубови туку дека и ќе ги зближиме нашите држави.
Планираме да дојдеме во Македонија кон крајот на оваа година и навистина би сакале да разговараме со луѓето за нашиот документарен филм, да добиеме предлози за што да посетиме, да ни покажат што има наоколу. Би сакале да ја прикажеме целата приказна за нашето пријателство! Можете да ми пишете лично на мојата имејл адреса ([email protected]) и ќе добиете одговори.
Ова е само почеток на прекрасното пријателство, останаете подготвени!
НАСЛОВНАТА ФОТОРАФИЈА Е ПРЕЗЕМЕНА ОД ОФИЦИЈАЛНИОТ ТВИТЕР ПРОФИЛ НА ФК ВАРДАР