Доркинг е гратче со 11 185 жители коешто се наоѓа во областа Сари во југоисточна Англија. Во 1880, во ова место бил формиран Доркинг ФК – најстариот фудбалски клуб во Сари сè до 2017. Во 2017, Доркинг ФК се споил со неговиот ривал Доркинг Вондерерс ФК кој е основан далеку подоцна. Првичниот клуб имал само една титула што датирала од 1903/04 кога го освоил Сари Јуниор Куп, а стигнале и до уште две финалиња на Сари Сениор Куп (1885/86 и 1989/90), но без успех.

Почетоците на Доркинг Вондерерс ФК:
Доркинг Вондерерс ФК е формиран во 1999 година од страна на неколку лица од кои сè уште директор и тренер на клубот е Марк Вајт. Вајт успеа да направи неверојатни работи со Вондерерс предводејќи ги до десет промоции во дваесет години постоење.
Најпрво, во 1999 Вондерерс се натпреварувале во Кроули енд Дистрикт Лиг, но само една сезона подоцна се преселиле во Вест Сасекс Лиг Дивизија 4. Токму првата сезона во новиот милениум им ја донела и првата титула, па Вондерерс изборил пласман во Вест Сасекс Лиг Дивизија 3. Наредната сезона, Доркинг завршил на второто место и изборил нова последователна промоција овој пат во Дивизија 2 на истата лига. Втората титула била освоена во 2003/04 и бил изборен пласман во Дивизија 1 на Вест Сасекс Лиг, а во 2004/05, со освоеното трето место, клубот се пласирал во Вест Сасекс Лиг Премиер Дивизија. Во 2006/07, била освоена и третата титула, па Вондерерс излегле од Вест Сасекс и почнале да се натпреваруваат во Сасекс Каунти Лиг.

Сасекс Каунти Лиг и преминување кон полупрофесионален фудбал:
Во Сасекс Каунти Лиг Дивизија 3, Доркинг останал неколку сезони, а изборил промоција во втората дивизија како шампион на третата во сезоната 2010/11. Наредната сезона, со освоеното трето место, повторно бил промовиран, но овој пат во првата дивизија. Во првата сезона во оваа лига, Доркинг едвај обезбедил опстанок, но го забележал и рекордното достигнување во ФА Вејс – втората квалификациска рунда. Сè до 2014/15, Вондерерс останале во оваа лига, од каде што со второто освоено место избориле пласман во Истмијан Лиг Дивизија 1 Југ.
Сезоната 2015/16, Доркинг ја завршил на второто место, но во полуфиналето на плејофот бил елиминиран од Фавершем Таун со поразот од 2-1. Сепак, претставниците на областа Сари, повторно завршиле на второто место и во 2016/17, но во плејофот победиле на пенали и во полуфиналето и во финалето совладувајќи ги Хастингс Јунајтед и Коринтијан-Кежуалс.
Сезоните 2017/18 и 2018/19, Доркинг Вондерерс ги поминале во Истмијан Лиг Премиер Дивизија. Во овој период, ги оствариле најголемите достигнувања во ФА Купот достигнувајќи ја третата квалификациска рунда. Во првиот обид, биле поразени со 3-0 од Конкорд Ренџерс, а вториот пат, после реванш, загубиле со вкупни 6-3 од Глостер. Сезоната 2018/19 им го донесе засега последниот трофеј на „Петлите“ кога со неверојатна разлика од дваесет и два поени ја освоија Премиер Дивизијата на Истмијан Лиг и изборија пласман во шестата англиска лига односно Нешонал Лиг Саут.
Во 2019/20, Доркинг стигна до третата рунда на ФА Трофи каде што беше поразен со 2-4 од петтолигашот Фајлд. По прекинот на сезоната поради пандемијата од Коронавирусот, Доркинг го заземаше седмото место и избори пласман во плејофот за влез во петтата лига уште во својата прва шестолигашка сезона.

Стадиони:
При самото основање, Доркинг Вондерерс ги играле своите натпревари на „Биг Филд Брокам“ – стадионот каде што игра рагби клубот од ова гратче. Во 2007, новиот дом на фудбалерите бил „Вестхамбл“, а од 2018 се преселиле на „Медоубенк Парк“. „Медоубенк Парк“ е модерен стадион, а поради неговата изградба, првичниот Доркинг ФК падна во сериозна финансиска криза и беше приморан да се фузира со Доркинг Вондерерс.

Фотографиите не се во наша сопственост
The photos don’t belong to us