Во текот на овој викенд, возачите од Формула 1 се натпреваруваа во Истанбул на трката за големата награда на Турција, за првпат после 2011 година.
На вчерашните дождливи квалификации, до првата пол-позиција во кариерата дојде Ленс Строл, додека одличниот ден за ,,Рејсинг Поинт” го комплетира Серхио Перез, кој стартуваше како трет.
Водата на патеката влијаеше и на возбудливиот старт, после којшто болидите на ,,Рејсинг Поинт” преземаа двојно водство, а дел од останатите возачи доживеаја извртувања и превртувања.
После првите десетина кругови, патеката почна да се суши, а возачите на ,,Ферари” и на ,,Мерцедес” беа првите спремни за ризик, коишто ги променија своите гуми за полусув асфалт.
Во деветнаесеттиот круг, Ферстапен по вторпат влезе во боксот, откако, како трет, во обид да го претекне Перез, излета од патеката.
Околу триесеттиот круг започна новиот бран на пит-стопови што се покажа како клучен елемент за финишот на трката.
Ленс Строл, кој љубоморно го држеше водството триесет и пет кругови, го изгуби правото место после ужасната одлука на тимот за одењето во бокс.
Во триесет и седмиот круг, од позадина Хамилтон константно напредуваше и изби на првата позиција за осигурување на својата седма шампионска титула, а со своите гуми возеше цели педесет кругови. За Британецот, ова беше 73. победа во ,,Мерцедес” што претставува нов рекорд за најмногу победи во еден тим.
Во последниот круг настана најголемата драма. Имено, Перез накрај заврши втор (кој исто како и Хамилтон возеше педесетина кругови со исти гуми), откако во еден момент ја загуби позицијата од Шарл Леклер. Леклер, во само еден свијок, од второто падна на четвртото место, предавајќи му го подиумот на Себастијан Фетел.
Во поени завршија уште: Саинц, Ферстапен, Албон, Норис, Строл и Рикијардо.
Ботас ја заврши трката на четиринаесеттото место, откако цело време се бореше со својот болид и имаше неколку излетувања.