
Осмата трка од календарот на Мото 3 категоријата беше одржана во Италија на фамозната патека – Муџело.
Истата донесе неверојатен фотофиниш, во кој учествуваа дури пет мотоциклисти.
Имено, 1-2 победа запиша Шпанија со тоа што Изан Гевара го освои првото, а Серхио Гарсија (+0,021) – второто место.
Подиумот го комплетираше јапонскиот претставник, Татсуки Сузуки (+0,033), завршувајќи на пиедесталот за првпат сезонава.
Дел од водечката група беа уште Андреа Мињо и Рјусеи Јаманака, а во топ 10 се пласираа уште: Рикардо Роси, Иван Ортола, Елија Бартолини, Матео Бертеле и Аугусто Фернандез.
Трката доби сосема поинаков расплет во единаесеттиот круг, кога водечкиот Денис Фоџа излета од патеката, а во краток временски период иста судбина имаа Денис Онџу, Џон МекФи и Даниел Холгадо, кои исто така беа при врвот.
Во генералниот пласман, Серхио Гарсија остана на првото место, додека Гевара скокна на втората позиција.