
Најголемото дерби во АФЛ помеѓу Колингвуд Мегпајс и Карлтон Блус ги надмина сите очекувања во рамките на единаесеттото коло од тековната сезона.
Имено, во неверојатен трилер-натпревар, Колингвуд успеа да го совлада својот ривал со (11.13) 79-75 (11.9) на ,,Мелбурн Крикет Граунд” пред повеќе од 90 000 гледачи.
,,Страчките” водеа во поголемиот дел од мечот, а во четвртиот квартал дојдоа до максимални +23, но накрај сè се сведе на шутот на Џек Силвањи во последните секунди, кој погоди само бихајнд за Карлтон.
Големо влијание за поразениот состав имаше повредата на Џејкоб Вајтеринг во првата четвртина.
Со неговото отсуство во одбраната, дури тројца противнички фудбалери имаа над дванаесет постигнати поени – Оливер Хенри (3.1), Стил Сајдботом (2.1) и Патрик Липински (2.0).
Од редовите на Блус, најефикасни и единствени со двоцифрен број на поени беа Метју Оувис (2.0) и Чарли Карноу (4.2).
Во меѓусебната борба, ова беше вкупно 261. натпревар во кој Колингвуд поведе со 129-128, заедно со четири ремија.
На табелата, со првиот пораз после четирите триумфи, Карлтон падна на петтото место, додека Колингвуд остана на десеттата позиција.