Во десеттото коло од четвртата англиска лига, Лиг 2, силите ги одмерија Челтенам Таун и Форест Грин Роверс.
Земајќи го во предвид фактот дека и двете екипи се наоѓаат во областа Глостершир, ова дерби го носи името ,,Ел Глосико”.
Ривалството на двете екипи, освен географски, има и престижен карактер. Имено, моментално Челтенам и Форест Грин се борат за промоција во третата лига, а до пред четири години, водеа битка во Националната лига (петти ранг) за пласман во професионалниот англиски фудбал.
На денешниот меч, подобар беше Челтенам, кој триумфираше со 2-1.
Домаќините поведоа во 11. минута преку првиот овосезонски погодок на Вилијам Бојл.
Во 57. минута, домаќините го удвоија своето водство, благодарение на Ендру Вилијамс, кое накрај се покажа како доволно за триумф.
До крајот, Форест Грин успеа само да го преполови својот заостаток, откако, од белата точка, прецизен беше Арон Колинс.
Со оваа победа, Челтенам изби на третото место со деветнаесет поени, односно еден повеќе од денешниот соперник, кој е шести со осумнаесет бодови.



