Петтиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција беше резервиран за вторите брзински дисциплини сезонава.
На денешната саботна програма, во италијанскиот ски-центар Вал Гардена, се одвиваше вториот овосезонски спуст.
Првиот беше на програмата минатата недела, кога Мартин Чатер неочекувано успеа да триумфира во Вал д’Изер.
Денес, исто како и на вчерашниот супервелеслалом, актуелниот шампион, Александар Омодт Килде (2:01,45) ја отскија конкуренцијата и дојде до втората победа во Вал Гардена во само два дена.
Неочекувано, одличниот ден за Американците, кои имаа три скијачи во првите шест, го круниса Рајан Кохран-Сигл (+0,22) со својот прв подиум во кариерата. На третото место се пласира Швајцарецот Беат Фојц (+0,54).
Кјетил Јансруд и Брис Бенет ја поделија четвртата позиција (+0,62), а пласман во првите десет изборија уште: Џеред Голдберг (+0,72), Карло Јанка (+0,78), Ромед Бауман (+0,90), Макс Франц (+0,90) и Матијас Мајер (+1,05).



