Петтиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше резервиран за првите брзински дисциплини сезонава.
Истиот се одвива во францускиот Вал д’Изер, каде што дамите се тркаа на вториот спуст сезонава. Првиот беше одржан токму вчера на истата локација, а на него славеше Корин Сутер, пред Софија Гоџа и пред Бризи Џонсон.
Истите три скијачки доминираа и денес, но овој пат славеше Гоџа со време од 1:44,70. Сутер (+0,24) ја замени позицијата со Италијанката, а Џонсон (+0,27) го запиша вториот подиум во кариерата во само два дена.
Во продолжение следуваа уште седум скијачки со заостаток под една секунда и секоја од нив потекнува од различна држава: Кајса Викоф Лие (+0,33), Кира Вајдле (+0,59), Рамона Зибенхофер (+0,64), Естер Ледецка (+0,75), Илка Штухец (+0,75), Мишел Жизен (+0,77) и Мари-Мишел Гањон (+0,88).