Светското првенство во ски летови што беше планирано во месец март, беше одложено поради настанатата пандемија.
Истото се одвива во текот на овој викенд во словенечката област Планица.
На квалификациите во четвртокот, најдобар беше Германецот Маркус Ајзенбихлер, додека после вчерашните две серии, водечки беше Карл Гајгер.
Истиот скокач имаше најдобар скок и во третата серија (240,5 метри) и дополнително го зголеми водството во однос на Халвор Егнер Гранеруд, на Михаел Хајбок и на Ајзенбихлер.
Во последната серија, драмата кулминираше кога Гранеруд постави нов личен рекорд (243 метри) и му зададе сериозен предизвик на Гајгер. Сепак, ,,новопечениот” татко скокна 231,5 метри и ја освои титулата ,,светски шампион во ски летови” со само половина поен предност во однос на Норвежанецот.
Со ова достигнување, Гајгер стана првиот Германец со светска титула во ски летови после Зеверин Фројнд во 2014 во Хараков.
Накрај, Ајзенбихлер стигна до бронзениот медал, откако Хајбок за нијанса потфрли со четвртиот скок.
Освен горенаведените четири скокачи, пласман во првите десет изборија уште: Роберт Јохансон, Јукија Сато, Камил Штох, Евгениј Климов и Андржеј Стекала, додека Анже Ланишек беше најдобар домашен натпреварувач на дванаесеттото место.