Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри се одржува во швајцарското гратче Давос. На денешната програма беа спринтовите во машка и во женска конкуренција.
Кај мажите, победник беше искусниот Федерико Пелегрино, кој ја запиша својата четиринаесетта победа во кариерата. Во финалето, Италијанецот ги остави зад себе на пиедесталот лидерот во вкупниот поредок Александер Болшунов (+2,13) и Британецот Ендру Јанг (+3,63). За скијачот од Шкотска, ова беше трети подиум во кариерата, односно втор во спринт. Освен нив, во финалето се пласираа Глеб Ретивих (+5,11), Ришар Жуве (+9,74) и дебитантот Валерио Гронд (+17,65).
Кај дамите, возбудата во финалето беше драстично поголема, имајќи во предвид дека првите четири скијачки беа во само половина секунда. До првата победа во кариерата дојде Американката Роузи Бренан, која беше побрза од Анамарија Лампич (+0,28) и од Наталија Непрјаева (+0,49). На домашната скијачка, Надине Фендрих, четвртиот подиум во кариерата ѝ побегна за само четири стотинки. Останатите две финалистки беа Софи Колдвел (+6,83) и Ева Уревц (+15,58).



