Најголемото дерби на Источен Мидлендс го сочинуваат лутите ривали Дерби Каунти и Нотингем Форест. Нивниот денешен меѓусебен дуел беше проследен со исклучителна драма посебно во судиското продолжение на вториот дел.
Најпрво, уште во дванаесеттата минута, Нотингем поведе со 0-1 благодарение на голот на Џоу Лоли. За Англичанецот, ова беше деветти погодок сезонава.
Овој резултат беше активен сè до деведесет и шестата минута т.е. моментот кога шпицот на домашните, Крис Мартин, заби погодок за конечни 1-1. Во тој момент, Дерби имаше десет играчи на теренот откако само три минути претходно, директен црвен картон заработи Мартин Вагхорн.
Со својот десетти гол сезонава, Мартин ја прекина доминацијата на Нотингем над Дерби манифестирана преку трите последователни победи со вкупна гол-разлика од 5-0. Имено, Нотингем немаше примено гол од своите најголеми ривали уште од 15 октомври 2017 откога датира и последната меѓусебна победа на „Овните“ од 2-0.
Ова реми му овозможи на Дерби да се израмни на табелата со шестопласираниот Кардиф кој допрва треба да го одигра својот дуел со Бристол Сити. Од друга страна, Форест остана на четвртата позиција со шеесет и осум поени.