После низата од седум средби без пораз, екипата на Блекбурн Роверс загуби денес од Бристол Сити, минимално со 1-0.
Двата тима ги одмерија силите во рамките на 17. коло од Чемпионшип, на стадионот ,,Ештон Гејт” во Бристол.
За популарните ,,Робинс”, ова е прв домашен триумф над составот предводен од Тони Моубреј после 2 септември 2018, кога славеа со 4-1.
Заедничко и за двете средби е тоа што Фамара Џеџу, влезе во игра како резервист од клупата и успеа да го матира противничкиот голман. Сенегалецот, денес влезе во 75. минута наместо Антоан Семенјо, а само седум минути подоцна го постигна победоносниот погодок. Иако недостигаа головите, овој меч беше исполнет со динамична игра и многу шанси и на двете страни.
Новите три поени го вратија Бристол Сити во плејоф-зоната на шестото место, додека Роверс ја заземаат десеттата позиција со пет бодови негатива во однос на денешниот ривал.



