На вчерашниот состанок помеѓу директорот на фудбалскиот клуб Дери Сити, Филип О’Дохерти и актуелниот нивен тренер, Деклан Девин, беше донесена одлука за продолжување на тренерскиот договор. Ова значи дека Девин ќе остане на кормилото на тимот од Северна Ирска што се натпреварува во ирската прва лига уште дванаесет месеци. Неговиот договор требаше да истече во октомври, но довербата што О’Дохерти ја има во него му овозможи продолжување на соработката.
„Многу сакам да бидам тренер на Дери Сити и заедно со тренерскиот тим работиме напорно за да го подобриме клубот. Сè уште има многу да се направи, но ние имаме намера да формираме тим што ќе биде способен да се бори со најдобрите во лигата.“ – се огласи Девин за веб-сајтот на Дери Сити.
Имено, за Девин, ова е трет тренерски мандат во „црвено-белите“. Првиот траеше од 2003 до 2006, а вториот од 2012 до 2014 кога го освои Ирскиот Куп (2012). Во периодот од 2007 до 2012 беше асистент во истиот клуб. Освен на Дери, Девин беше на кормилото на Данфермлајн (2006-2007) и на У16 репрезентацијата на Северна Ирска (2015-2018).
Како играч, настапуваше на голманската позиција во: Омах Таун, Гленторан, Дери Сити и Институт. Со Дери ја освои ирската лига во 1996/97, а со Гленторан беше најдобар во Ирскиот Куп една сезона порано. Во 1994/95, како член на Омах Таун, беше избран за најдобар млад фудбалер на регионот Улстер.