Во дербито на петнаесеттото коло од тековната НРЛ сезона, силите ги одмерија Парамата Илс и Мелбурн Сторм.
Парамата успеа да ја запише својата дванаесетта победа сезонава нанесувајќи му го третиот пораз на Мелбурн и прекинувајќи ја неговата серија од осум победи во низа. Одличната игра на ,,Јагулите” е видлива и по самиот резултат од 14-0 со којшто заврши денешниот меч. Илс постигнаа дванаесет поени во првото и два поени во второто полувреме. По еден есеј запишаа Блејк и Сиво, а Мосес погоди два пенали и една конверзија.
За Сторм, ова е прв натпревар без постигнати поени уште од 31 мај 2014 кога, во дванаесеттото коло, загубија со 22-0 од НК Каубојс.
На табелата, двете екипи се на втората и третата позиција со дваесет и четири освоени поени, односно бод помалку и натпревар повеќе во однос на првопласираните Пенрит Пантерс.