
Поради силен ветар, денешната машка олимписка трка во крос-кантри, планирана на 50 километри, беше одложена за еден час и скратена на 30 километри.
Во променетите услови, најдобро се снајдоа Русите, кои изборија 1-2 победа.
Со третото олимписко злато од Пекинг се закити еден од најдобрите скијачи на денешницата – Александер Болшунов (1:11:32,7).
Болшунов отскија неверојатна трка и стана нов официјален олимписки првак на 50 километри, иако денешната патека беше за две петтини пократка.
Неговиот сонародник, Иван Јакимушкин (+5,5), го постигна најдобриот резултат во својата кариера, доаѓајќи до првиот медал од ЗОИ во животот.
Иако до вчера беше во изолација, Норвежанецот Симен Хегштад Кругер (+7,0) успеа да ја одбрани честа на својата земја и да освои бронза.
Во првите петмина се најдоа уште Артјом Малцев (+10,7) и Сјур Роте (+15,8), а еден од најголемите фаворити, Јоханес Клебо, не ја заврши денешната трка.
Македонскиот претставник, Ставре Јада (+14:09,1), го освои солидното педесет и шесто место.