
Трката за титулата во Светскиот куп во нордиска комбинација стана неизвесна, откако на две трки пред крајот, Јоханес Лампартер има деветнаесет поени предност пред Јарл Магнус Риибер.
Ситуацијата за Австриецот беше далеку покомотна пред почетокот на денешната трка во Осло, која заврши токму во корист на Риибер.
Норвежанецот ја запиша единаесетта победа во сезоната и вкупно четириесет и седмата во својата кариера и дојде на само еден триумф од израмнување на рекордот на Хану Манинен.
Имено, Риибер покажа одлични скијачки перформанси и го надомести заостатокот од 43 секунди во однос на Марио Зајдл, кој накрај го зазеде второто место.
Третата позиција, по вторпат во два дена, му припадна на Јенс Лураас Офтебро (+31,3), а лидерот Лампартер заврши како осми (+48,3).
Помеѓу него и пиедесталот се пласираа: Франц-Јозеф Рерл (+39,0), Илка Херола (+45,0), Еспен Андерсен (+48,1) и Ееро Хирвонен (+48,2).