Веќе е доволно познат фактот дека англискиот четвртолигаш, Форест Грин, е првиот вегански и еколошки фудбалски клуб.
Неговиот сопственик, Дејл Винс, е исто така сопственик на еколошката фирма ,,Екотрисити”, која се залага за производството на еколошки производи и апарати што функционираат на природен погон. Дел од активностите на Форест Грин за зачувување на средината се: собирање и користење на дождот за наводнување, стадион направен целосно од дрво (моментално е во изградба), користење на сончева енергија за снабдување на стадионот со струја, дресови од бамбус, веганска кујна…
Токму од овие активности, фудбалерот на Арсенал, Хектор Бељерин, останал воодушевен уште при првата посета на клубот што потекнува од најмалото гратче во англиските професионални лиги.
,,Памтам дека игравме пријателски натпревар против Форест Грин пред шест години, но тогаш не бев многу упатен во патот по којшто оди клубот, бев фокусиран само да стигнам до првиот тим на Арсенал. Многу го почитувам Дејл Винс [сопственикот на Форест Грин] за сè што прави во клубот – тој го ,,поплочува” патот за сите други во спортот.” – се огласи шпанскиот дефанзивец.
Денес, официјално, Бељерин стана втор најголем сопственик на клубот, после Дејл Винс. Шпанецот смета дека професионалните фудбалери треба да имаат одговорност за да шират иницијатива за решавање на природните проблеми.
Бељерин, претходно, имаше посадено по три илјади дрвца за секоја победа на Арсенал во текот на еден проект.
,,Форест Грин им докажува на клубовите, кои тврдат дека немаат ресурси за да бидат еколошки, дека тоа е возможно. Со новиот дрвен стадион и со веганството, клубот прави неверојатна работа. Луѓето заеднички го сакаат фудбалот, така да нема подобра индустрија за промоција на екологијата и за да се поттикне еколошката свест кај фудбалските фанови.” – тврди Бељерин.
,,Ми се допаѓа пристапот на Хектор [Бељерин], неговото лично мислење и тоа што сака да го оствари – сè има смисла. Едвај чекам да работам со него на нашите проекти во Форест Грин и на пошироката агенда за којашто и двајцата сме заинтересирани.” – истакна Дејл Винс за официјалниот веб-сајт на Форест Грин.
Имено, информации во врска со Форест Грин и нивната историја, можете да најдете на следниот линк: https://javisejuzna.mk/првиот-еколошки-и-вегански-клуб-во-све/