
Популарниот ,,ѕвер”, Енеа Бастијанини, го освои првиот триумф во својата МотоГП кариера на првата трка од сезоната, одржана во Катар.
Италијанецот вози за тимот на ,,Гресини Рејсинг”, кој се радуваше на победа за првпат после 15 октомври 2006, кога во Ешторил (Португалија), славеше Тони Елијас.
Бастијанини возеше во сенка на Пол Еспаргаро сè до четири кругови пред крајот, кога го презеде водството.
Веднаш по претекнувањето, Пол Еспаргаро за кратко ја напушти патеката и му го отвори патот кон второто место на Бред Биндер.
Накрај, Шпанецот успеа да ја задржи третата позиција и да му донесе подиум на составот на ,,Хонда”.
На четвртото место се пласираше неговиот брат, Алеиш Еспаргаро, кој ја предводеше шпанската плејада од Марк Маркез, од Жоан Мир и од Алекс Ринс.
Во првите десет завршија уште Жоан Зарко, актуелниот шампион, Фабио Квартараро и Такааки Накагами.
На единаесет кругови пред крајот, несреќа за ,,Дукати” предизвика Франческо Бањаја, кој излета од патеката и со себе го понесе својот де факто клупски колега – Хорхе Мартин.