
Во директната битка за учество во плејофот на англиската Национална лига, Барнет го порази Саутенд со 0-1 во триесет и шестото коло.
Натпреварот беше одигран на стадионот ,,Рутс Хол” во Саутенд пред повеќе од седум илјади гледачи што претставува овосезонски рекорд за домашната екипа.
Сепак, поголемиот дел од гледачите доживеаја фрустрации во два наврати, односно по еднаш и во двете полувремиња.
Во првиот дел, судијата Пол Џонсон му покажа ,,само” жолт картон на гостинскиот дефанзивец, Сем Бирд, кој го сруши Хенри Сендат при прилика за чист гол.
Од друга страна, домашните навивачи беа незадоволни и во втората половина од натпреварот, кога Идрис Кану (66′) го постигна единствениот гол на мечот по одбиениот удар од голманот Блонди Нуку.
На табелата, Барнет скокна на четвртата позиција, додека Саутенд се наоѓа на седмото место.