Откако македонската фудбалска репрезентација со победата над Грузија обезбеди учество на Европското првенство наредната година, селекторот Игор Ангеловски, одлучи да им даде одмор на дел од репрезентативците.
Капитенот Горан Пандев, Аријан Адеми кој играше повреден против Грузија и голманот Столе Димитриевски, нема да бидат дел од репрезентацијата за претстојните два натпревари од овогодинешното издание на Лигата на нации против Естонија и Ерменија.
Пандев кој го постигна единствениот гол во Тбилиси се враќа во Џенова, Адеми се враќа во Динамо Загреб каде ќе ја продолжи рехабилитацијата, а голманот Димитриевски кој поради црвениот картон од средбата со Грузија во Скопје која се играше минатиот месец е суспендиран, ќе се врати во Шпанија.
За неделниот натпревар против Естонија на Националната Арена „Тодор Проески“, Ангеловски нема да може да смета ниту на Езџјан Алиоски кој е суспендиран, но се очекува да настапи на последниот натпревар против Ерменија. На нивно место, новоповикани се: Ристе Јанков, Тодор Тодоровски и Дарко Чурлинов.



