Последната трка во слалом од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција се одржа денес на падините во близина на Ленцерхајде, Швајцарија.
На неа, до втората победа во низа, а воедно и во кариерата, дојде Катарина Линсбергер (1:49,77), која беше убедлива и после првата серија.
Со тоа, Австријката го освои малиот кристален глобус во слалом што претставува нејзино прво одличје.
На второто место се искачи Микаела Шифрин (+1,24), а подиумот го комплетираше Мишел Гизин (+1,95).
Освен нив, пласман во првите пет изборија уште Кристин Лисдал (+1,99) и Сара Хектор (+3,11).
На шестата позиција заврши Петра Влхова (+3,15), која драстично потфрли и го изгуби првото место во поредокот на оваа дисциплина.
Сепак, словачката скијачка освои доволен број на поени за да го загарантира освојувањето на големиот кристален глобус што ја прави нова шампионка на Светскиот куп.
📸 Alain Grosclaude/Agence Zoom/Getty Images



