За првпат после 28 октомври 2018, силите ги одмерија екипите на Грин Беј Пекерс и на ЛА Ремс.
Овој пат, ривалите се соочија на ,,Лембо Филд” во дивизиската рунда од овосезонскиот плејоф.
Грин Беј Пекерс по вторпат во низа успеаја да се пласираат во конференциското финале, триумфирајќи со 32-18 над ,,Овните”.
Домаќините имаа одлично прво полувреме, во кое постигнаа два тачдауни преку Даванте Адамс и преку Арон Роџерс, како и два филд-голови од страна на Мејсон Кросби.
Во истиот интервал, Ремс поентираа благодарение на Ван Џеферсон и на Мет Геј, а во второто полувреме, осумте поени на Кем Ејкерс го комплетираа нивниот конечен учинок.
Од друга страна, нападот на Пекерс стагнираше во еден дел од второто полувреме. Сепак, Арон Џонс и Ален Лазард успеаја да ја внесат топката во противничката енд-зона за два нови тачдауни на претставниците на Висконсин.
Еден од најдобрите дефанзивци, Џејлен Ремзи, успеа да го лимитира најопасниот фаќач на Пекерс, Даванте Адамс, на 66 освоени јарди и на еден тачдаун, но Ален Лазард одлично го надигра Трој Хил за 96 освоени јарди од 4 фаќања.
Арон Роџерс го заврши мечот со три тачдауни (два со додавање и еден со трчање) и со 296 освоени јарди од 23/36 обиди за додавање.
Неговиот колега од противничкиот табор, Џеред Гоф, имаше одлична партија со 174 јарди од 21/27 обиди и со еден уфрлен тачдаун.
Најдобар тркач во гостинските редови беше дебитантот Кем Ејкерс со еден тачдаун и со 90 истрчани јарди од 18 носења.
Во конференциското финале, Пекерс на домашен терен ќе го дочекаат победникот од дуелот помеѓу Њу Орлеанс Сеинтс и Тампа Беј Баканирс.
📸 Dylan Buell/Getty Images
Во соработка со НФЛ Македонија



