Популарниот ,,Хајсман Трофи” е наградата што се доделува секоја година на најкорисниот играч во НЦАА (американската колеџ лига за американски фудбал).
Синоќа беше избран овогодинешниот победник, вајд-рисиверот на Алабама, ДеВонта Смит, кој беше во конкуренција со уште три други квотербекови – Мек Џонс (Алабама), Тревор Лоренс (Клемсон) и Кајл Траск (Флорида).
Смит стана третиот играч на Алабама што дошол до ова признание, после Марк Инграм (2009) и Дерик Хенри (2015). Воедно, 22-годишникот стана и првиот вајд-рисивер со ,,Хајсман Трофи” после Десмонд Хауард (Мичиген) во 1991.
,,Ги советувам сите млади деца што не се најголеми и најсилни, да продолжат да даваат сè од себе бидејќи ни јас не сум најголем. Многумина се сомневаа за мојата големина. Всушност, многу зависи од тоа, но ако го ставиш умот пред сè, ќе успееш!” – гласеше дел од церемонијалниот говор на Смит, кој со своите 79 килограми и 185 сантиметри важи за еден од ,,најмалите” фудбалери.
Во пресрет на финалето против Охајо Стејт, Смит има 105 фаќања за 1641 јард и вкупно 20 тачдауни. Во финалниот меч, доколку освои уште 87 јарди, ќе го надмине клупскиот рекордот на Амари Купер од 2014. Исто така, вајд-рисиверот забележа просек од 24,3 освоени јарди од деветте враќања на пантови.
Овие статистики, освен ,,Хајсман Трофи”, му донесоа на Смит уште пет други индивидуални признанија што може да бидат крунисани со титула, доколку Алабама го совлада Охајо Стејт во финалето на 12 јануари.
Минатата година, истата награда ја освои првиот пик на драфтот во 2020, Џоу Бароу, кој се повреди на сред сезона и не можеше да им помогне на Синсинати Бенгалс да имаат поконкурентна сезона.
📸 The Athletic



