Биатлонците и биатлонките од Светскиот куп ја започнаа новата сезона во Контиолахти, Финска.
Во машка конкуренција, вчера, до сензационална победа стигна Стурма Холм Лагреид, кој ги изненади сите, вклучувајќи го и искусниот Јоханес Тингнес Бо. Сепак, на денешниот десеткилометарски спринт, Бо успеа да се одмазди и убедливо да ја порази конкуренцијата. Норвежанецот беше придружен на подиумот од двајцата Швеѓани, Себастијан Самуелсон (+44,1) и Мартин Понсилуома (+47,9), кои имаа по едно промашено пукање. Освен нив, во интервал од една минута во однос на Бо, на целта пристигнаа Ветле Сјастад Кристијансен (+51,9) и Јаков Фак (+53,1).
Жените се натпреваруваа на спринт, но на дистанца од 7,5 километри. Вчерашната победничка и актуелната шампионка, Доротеа Вирер, беше очајна денес, заземајќи го 22. место.
До петтата победа во кариерата стигна Швеѓанката Хана Оберг, а подиумот го комплетираа Норвежанките Марте Роиселанд (+23,9) и Каролине Кнотен (+37,8). За Кнотен, ова беше прв подиум во кариерата во Светскиот куп.
Пласманот во најдобрите пет го комплетираа уште две шведски репрезентативки – Јохана Скотхајм (+44,9) и Мона Брорсон (+50,1).



