Третиот натпреварувачки ден од првиот натпреварувачки викенд на Светскиот куп во нордиска комбинација, одржан во Рука, Финска, го заокружи т.н. ,,Рука Тур”.
Поради силните налети на ветар, првата серија воопшто не се ни одржа. Сепак, наместо неа, се броеше резервната скокачка серија од четвртокот. На истата, победник беше Мануел Фаист, кој скокна неверојатни 147,5 метри со што го израмни рекордот на скокалницата. На второто и на третото место се пласираа Јенс Лураас Офтебро (+0:18) и Јоханес Лампартер (+0:26), а заостаток под една минута имаа Кристјан Илвес (+0:27) и Фабијан Рисле (+0:42).
На номиналната денешна прва серија, за нијанса потфрлија браќата Ватабе, а дисквалификувани, поради костумите, беа Рјота Јамамото и актуелниот шампион и победник на двете воведни овосезонски натпреварувања – Јарл Магнус Риибер.
Втората серија, очекувано, започна без нив што значеше дека Светскиот куп ќе добие нов етапен победник. Сето тоа најдобро го искористи Офтебро, кој славеше пред Рисле (+1,9) и Фаист (+6,4) за првпат во својата кариера. Лампартер (+11,8), Илвес (+33,2), Винценц Гајгер (+59,3) и Ерик Френцел (+59,6) заостануваа под шеесет секунди, а Ееро Хирвонен (+1:00,8), Акито Ватабе (+1:01,6) и Илка Херола (+1:02,5) го заокружија поредокот на првите десетмина.
Накрај, иако со еден настап помалку, Риибер успеа да го освои ,,Рука Трипл” пред Офтебро и Лампартер.



