Најголемите ривали од АФК Север, Балтимор Рејвенс и Питсбург Стилерс, пружија вистински спектакл во осмото овосезонско коло.
Имено, Стилерс ја запишаа својата седма победа во сезоната, нанесувајќи им го вториот пораз на противниците, притоа останувајќи единствена непоразена екипа во цела лига. Конечниот резултат изнесуваше 24-28.
Питсбург го отворија резултатот со првото пресечено додавање на Ламар Џексон вратено за тачдаун од страна на Роберт Спилејн.
Во наредниот напад, Џексон беше брилијантен постигнувајќи тачдаун на петнаесеттиот врзан натпревар со додавањето за Мајлс Бојкин.
По ова поентирање, следуваа два фамбли, по еден и на двете страни, поклопени од противничките екипи, а веднаш по нив и три напади што завршија со пант.
Во средината на втората четвртина, Балтимор направи пресврт преку тачдаунот со пробивање на Гас Едвардс од еден јард.
Една минута подоцна, настана мала хаварија со неколку прекршоци, од кои најтешко помина Метју Џудон (Балтимор), кој беше дисквалификуван поради туркање на судијата, при што, неговиот тим доби казна од петнаесет јарди. Освен без него, Рејвенс останаа и без левиот такл, Рони Стенли, кој се здоби со повреда на ножниот зглоб.
До крајот на првото полувреме, Рејвенс забележија уште три поени по успешниот филд-гол на Џастин Такер во последната секунда за водство од 7-17.
Исто како и во првото полувреме, првиот обид за додавање на Ламар Џексон беше пресечен, но овој пат од страна на Алекс Хајсмит. За Џексон, ова беше прв натпревар со две пресечени додавања уште од 6 октомври 2019 против истиот противник, но на гостински терен.
Неговата грешка му претходеше на вториот тачдаун на Стилерс, постигнат од Ерик Еброн, при пас на Бен Ротлисбергер, а само два напади подоцна, претставниците на Пенсилванија направија пресврт преку тачдаунот на Џејмс Конер.
Во четвртата минута од четвртата четвртина, Ламар Џексон го приреди и третиот пресврт на средбата со тачдаун-додавањето кон Маркис Браун за водство од 21-24.
Четвртиот пресврт следуваше во наредниот напад на Стилерс, со петтиот овосезонски тачдаун на Чејс Клејпул за 28-24.
На две минути до крајот, Балтимор имаше напад, кој заврши со неуспешни четири обиди за десет јарди во противничката „црвена зона“. Се чинеше дека натпреварот е завршен за домаќините во тој момент, но одбраната му дозволи на нападот уште една шанса во последните шеесет секунди, кој беше на само „влакно“ од освојувањето на шестата победа во сезоната.
Во досегашната меѓусебна историја, Стилерс водат со 26-23 по бројот на победи и со 992-981 по бројот на освоени поени.
Во соработка со НФЛ Македонија



