Првиот саботен натпревар од четвртото коло во Чемпионшип го одиграа Норвич и Дерби Каунти.
Дерби, за првпат, се појави на тревникот со својата нова трета гарнитура со розева боја во чест на пациентите со рак на дојка.
Токму новиот дрес се покажа како среќен за ,,Овните” бидејќи ги запишаа првите бодови во новата сезона, триумфирајќи над ,,Канаринците” со 0-1.
Целата игра беше сиромашна со шанси, пред сè поради обилните врнежи во Англија. Токму влажниот терен го предизвика промашениот пенал на Норвич во 52. минута, така што изведувачот Теему Пуки се лизна при изведувањето и го промаши голот на Дејвид Маршал.
Победничкиот гол за Дерби го постигна Вејн Руни со ефектно изведен слободен удар на три минути пред крајот.
Првите три поени на Дерби сезонава, го издигнаа од опасната зона, а Норвич е на 12. место, со натпревар повеќе во однос на конкурентите.



