По доживеаната релегација, челниците на Вотфорд направија замена на тренерската позиција, односно го заменија Најџел Пирсон со српскиот стратег – Владимир Ивиќ. Ивиќ, во изминатите две сезони, го предводеше тимот на Макаби Тел Авив, со којшто двапати во низа беше шампион на Израел.
Во денешното четврто коло во Чемпионшип, Вотфорд ги одмери силите со Рединг. Воедно, ова беше двобој на двајца српски тренери, имајќи во предвид дека нов селектор на Рединг е Вељко Пауновиќ.
Во кариерата, Пауновиќ водеше само еден клуб пред Рединг, односно Чикаго Фајр, но исто така, ја предводеше српската младинска У20 репрезентација до светската круна на мундијалот во 2015 во Нов Зеланд.
И двајцата тренери ја започнаа сезоната на солиден начин по првите три кола, т.е. Вотфорд победи двапати, а ремизира еднаш, додека Рединг има сто процентен учинок.
На денешниот меч. Рединг ја продолжи својата победничка низа славејќи со 1-0. Единствен стрелец на мечот беше Романецот Георге Пушкаш, кој го постигна својот прв погодок сезонава.
После одиграните воведни четири кола, Рединг е единствен тим, заедно со Бристол Сити, кој има максимални дванаесет поени. Од друга страна, Вотфорд е седми со освоени седум поени.



