Дербито на денот во НБА лигата го одиграа екипите на Хјустон Рокетс и на Милвоки Бакс. Во релативно изедначен натпревар, тимот од Тексас, предводен од Расел Вестбрук и Џејмс Харден, успеа да избори минимална победа од 120-116.
За Хјустон, ова е втора победа во низа по рестартот на сезоната, додека Милвоки има една победа и еден пораз. Синоќа. најефикасен беше Јанис Антетокумбо со дабл-дабл учинок од 36 поени, 18 скокови и 8 асистенции. Освен Гркот, дабл-дабл забележаа и двајца негови соиграчи – Крис Мидлтон и Брук Лопез.
Од победничкиот тим, ниеден кошаркар не постигна дабл-дабл, а најефикасни беа Вестбрук (31 поен, 6 скокови и 8 асистенции) и Харден (24 поени, 7 скокови и 7 асистенции).
Хјустон ја зазема четвртата позиција на западот со учинок од 42-24, а Милвоки останува првопласиран тим во Источната конференција со 54-13.



